ФОТО | ПОЖАР ЈА ПРОГОЛТУВА ГРЦИЈА – За еден ден избувнаа нови 60 пожари, загинаа 20 лица: Драматична ноќ во соседството
Во пожарите низ Грција животот го загубија 20 лица, а само во изминатите 24 часа избувнаа 60 нови пожари.
„Пожарот зафаќа се пред себе. Ситуацијата не е под контрола, се слушаат и експлозии. Се упатува на тоа дека некој го подметнал ова, но истрагата ќе ги утврди сите детали. Сите сили се на терен“, ова се зборовите на заменик-градоначалникот на Филис во Грција, град кој од вчера се бори со страшни пожари.
Пламените јазици почнаа да зафаќаат делови од шумата на планината Парнита, а со првите знаци на зори авионите повторно почнаа да се борат со огнената стихија. Според информациите од грчките медиуми, се прави се пожарот да не го зафати Националниот парк во овој регион. Само во областа Парните за 24 часа избувнале над 90 пожари.
Грчките пожарникари веќе петти ден се борат да ги сопрат пожарите, од кои најголеми се во Еврос, Александропол и во шумата Дадија.
Како што објавија грчките медиуми, пожарите се уште беснеат во другите региони на земјата, а главните фронтови каде пожарникарите се борат со пламените јазици се во шумите во близина на Атина, Евија, Самотракија, Макракоми и планините Родопи на истокот од земјата.
Доцна во понеделникот беше наредена евакуација на болницата во Александрополис, пристанишен град во североисточна Грција, кој се наоѓа во област каде што пожарите беснеат веќе четврти ден. Крајбрежната стража соопшти дека префрлила 65 пациенти на траект што чекал во пристаништето на градот.
Во градот Менида од три домови за стари лица превентивно се евакуирани 150 лица, кои се префрлени во градското собрание.
Хеликоптери постојано полеваат со вода над Парнит, за пожарот да не помине низ Националниот парк. Во околината на Парнита, превентивно се евакуирани три домови за стари лица.
Драматично е на подрачјето на Еврос како и во Александрополис, каде пожарникарите повеќе од 24 часа се обидуваат да го локализираат пожарот кој зафаќа се пред нив.