Голманот на Фросиноне е суспендиран поради пцуењето на Бога на натпреварот против Наполи

Раководството на Серија А го суспендираше Стефано Турати, голманот на Фросиноне. Италијанскиот голман заработи суспензија поради „употреба на богохулен израз“ на натпреварот од првото коло во Серија А против Наполи во кој Наполи победи со 3-1. Имено, 21-годишниот голман во еден момент го проколнал Бога.

По прегледувањето на видеото и слушањето на аудиото од натпреварот, беше утврдено дека Турати го проколнал Бога додека Матео Политано требаше да изведе корнер во 15. минута. Тој, наводно, ги упатил тие зборови кон своите одбранбени играчи бидејќи не бил задоволен од тоа како се наредени. Тој заработи суспензија од еден натпревар и ќе отсуствува викендот против Аталанта.

Турати е веќе четвртиот фудбалер кој е казнет во Италија за пцуење на Бога. Фудбалерот на Удинезе Роландо Мандрагора беше првиот казнет во 2018 година. По него, во 2021 година беа суспендирани Мануел Лазари од Лацио и легендарниот голман на Јувентус, Џанлуиџи Буфон.