Британскиот новинар и презентер на Би-би-си, познат по емисијата „Верувај, ми, јас сум доктор“ (Trust Me I’m a Doctor) Мајк Мосли, кој во средата исчезна на малиот грчки остров Сими, претпладнево беше пронајден мртов, јави дописничката на МИА од Атина.
Според грчките медиуми, телото на 68-годишниот Мосли било пронајдено во карпест дел во близина на плажа, а откриено со помош на видеоматеријали снимени од новинарските екипи.
Градоначалникот на Сими Лефтерис Папакалодукас, кој учествуваше во потрагата по новинарот, за телевизијата „Опен“ рече дека најверојатно паднал и починал.
![](https://vocentar.com/wp-content/uploads/2024/06/image-70.png)
-Бев во чамецот со кој отидовме да ја најдеме пештерата за која рекоа дека можно е да отишол. Камерите снимаа и камерата на ЕРТ сними предмет, покрај оградата, на десет метри од плажата. Човекот е мртов. Како е можно? Стигнал до неговата дестинација и на десет метри од плажата на која има 200 луѓе никој не го видел. Паднал и загинал, рече градоначалникот на Сими.
Мосли на островот бил на одмор заедно со неговата сопруга и пријатели, во средата попладне му се изгуби трагата, по што и започна потрагата која со несмален интензитет траеше до претпладнево.
![](https://vocentar.com/wp-content/uploads/2024/06/image-71.png)
Во средата заминале на плажа, по што новинарот одлучил да се врати сам, пеш, во време кога на островот било особено топло со температура од околу 40 степени Целзиусови, а не го носел мобилниот телефон.
Сими е мал остров во јужниот дел на Егејското море, во близина на Родос и има нешто повеќе од 2.500 жители.