ФОТО | Славјанка Петровска се обрати на приемот за воено-дипломатски кор во македонската амбасада во Вашингтон, организиран во чест на Денот на Независноста и Денот на Армијата

Министерката за одбрана Славјанка Петровска за време на работната посета на Соединетите Американски Држави во Амбасадата на Република Северна Македонија во Вашингтон, во обраќање на свечениот прием во чест на Денот на независноста на Република Северна Македонија и Денот на Армијата, порачала дека нашата држава денеска треба да го обезбеди својот европски пат и се заблагодарила за поддршката од нашиот стратешки партнер – САД, во развојот на демократијата и зацврстувањето на мирот.

Пред присутните, соопштија денеска од МО, министерката Петровска порачала дека во трите децении независност беа испишани многу страници македонска историја, исполнети со предизвици и тешки одлуки.

– Во раните деведесетти мојата земја се соочи со голем предизвик, да прогласи независност во мир избегнувајќи војна и страдања. Денес, истакнувајќи го европскиот концепт на единство во разликите работиме на уставни измени за да го обезбедиме нашиот пат кон Европската унија, рекла министерката, стои во соопштението од МО.

На приемот присуствувал Габриел Ескобар, заменик-помошник државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, поранешниот амбасадор на САД во државава, Џес Бејли, поранешни одбранбени аташеа и претставници на американската амбасада во Скопје и Канцеларијата за одбранбена соработка со САД, како и претставници на академската заедница.