Бас Дост колабираше поради воспаление на срцевиот мускул

 Причината поради која поранешниот холандски фудбалски репрезентативец Бас Дост (34) колабираше пред две недели во завршните минути на дуелот меѓу АЗ Алкмар и НЕЦ Нејмиген е воспаление на срцевиот мускул, објави синоќа НЕЦ.

Напаѓачот на НЕЦ падна на теренот откако истрча спринт на противничката половина во 90. минута. На теренот веднаш втрчаа лекарите на двете екипи, а за многу кратко време беше поставен и параван околу Дост. Неколку минути подоцна играчите и навивачите здивнаа кога се покажа дека лекарите успеаја да го вратат играчот во живот.

– Изминатите неколку денови направив многу прегледи и се покажа дека имам воспаление на срцевиот мускул, миокардит. Постојат многу причини поради кои може да дојде до воспаление на срцевиот мускул и последиците можат да бидат сериозни, но имав среќа успешно да бидам реанимиран на теренот. Не можам доволно да нагласам колку сум им благодарен на лекарите на НЕЦ и АЗ на нивната соодветна интервенција на теренот, изјави Дост за клупскиот сајт.

Поранешниот репрезентативец на Холандија рече дека времето кое доаѓа ќе го искористи да донесе одлука за својата спортска иднина.