ФОТО | УАПСЕН ‘ГЛАВАТА’ НА НАЈМОЌНАТА ИТАЛИЈАНСКА МАФИЈА! По долги години во бегство бил фатен во катедрала во Џенова со лажни документи
Пасквале Бонавота (49 г.), водачот на Ндрангета, една од најголемите италијански мафијашки организации, е уапсен во катедрала во Џенова и со себе поседувал лажни лични документи.
Тој активно се бараше од 2018 година, откако избегна апсење по потерница за убиство и мафијашко здружување. Пасквале Бонавота е на чело на најмоќното италијанско мафијашко семејство, за кое се верува дека контролира 80 отсто од нелегалниот пазар на кокаин во Европа.
Тој е еден од обвинетите во актуелната голема судска постапка во која околу 300 лица се осомничени за дела поврзани со организиран криминал.
Во тој случај, Пасквале Бонавота е опишан како водач кој ги донесува најважните одлуки заедно со другите високи лица во Ндрангета и се грижи за интересите на оваа мафијашка организација во областа Рим, како што се коцкањето и трговијата со дрога, наведува медиумската агенцијата AFP.
Тој е уапсен три месеци по апсењето на водачот на сицилијанската мафија Матео Месина Денаро, кој беше во бегство 30 години.
Криминалната организација Ндрангета се заснова на семејни кланови кои ги контролираат планинските рурални области на Калабрија.
Инаку, на почетокот на годинава беа уапсени 56 лица осомничени дека се дел од мафијашката организација Ндрангета, а се обвинети за бројни криминални дела, а покрај насилството има и корупција, изнуда, измама, киднапирање.
Коза Ностра од Сицилија и Камора од Неапол се попознати во светот, но тие се ослабени од акциите на полицијата. Како резултат на тоа, Ндрангета се издигна на нивно место и сега е најмоќната мафијашка група во Италија, со центри низ целиот свет од Јужна Америка до Австралија и годишни приходи од околу 60 милијарди долари.