ФОТО | “ЈА ПОВИКУВАМ РУСИЈА ДА ЈА ПРЕКИНЕ ОВАА ВОЈНА!“ – Бујар Османи во Киев на средба со Дмитро Кулеба: “ОБСЕ може да направи многу за време на војна“
Украина и заштитата на украинскиот народ како приоритет на ОБСЕ, конкретните активности кои ОБСЕ Програмата за поддршка на Украина ги презема на терен, состојбата на тројцата припадници на ОБСЕ кои се во затвор во Доњецк и во Луганск, биле дел од темите на кои се разговарало на средбата на претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба.
Бујар Османи и Дмитро Кулеба, соопштија од МНР, на средбата во Киев разговарале и за што може ОБСЕ дополнително да направи за поддршка на земјата која се соочува со руската воена агресија.
„Во јануари, за време на мојата прва посета на Украина како Претседавач со ОБСЕ, реков дека вашата храброст и пожртвуваност ја заслужуваат нашата најголема почит. Инспириран од вашата издржливост, денес сум уверен дека ќе победите. Украина ќе победи“, изјавил на заедничката прес-конференција Бујар Османи, по средбата, соопштија од МНР.
Бујар Османи додал дека Програмата за поддршка на Украина, финансирана од донатори, а која се спроведува од ноември 2022 година, ќе продолжи да и помага на Украина, преку имплементација на проекти приспособени на нејзините специфични потреби.
„Овие проекти ќе помогнат да се решат последиците од војната и исто така да ги поддржат долгорочните реформски напори на Украина и потребите на нејзините граѓани. Често кажувам, ОБСЕ може да направи многу за време на војна, но уште повеќе за време на мир што е наш клучен приоритет во Украина“, рекол Бујар Османи.
Тој потенцирал дека и покрај предизвиците со кои се соочува Организацијата, нарушувањето на нејзините основни принципи предизвикани од воената агресија на Руската Федерација, ОБСЕ е отпорна и ќе продолжи да се придржува до основните вредности со поддршка од останатите земји-учеснички.
„Како Претседавач со ОБСЕ, продолжив да ја повикувам Русија да ја прекине оваа војна, да ги повлече своите трупи од Украина, повторно да се посвети на принципите и вредностите на ОБСЕ. Продолжувањето на оваа војна не само што ги уништува животите, домовите и надежите на луѓето од Украина, туку создава и состојба на нестабилност и неизвесност низ поширокиот регион на ОБСЕ“, потенцирал Бујар Османи.
Украина останува централен приоритет за претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, истакнал Бујар Османи, а состојбата во Украина, како што стои во соопштението од МНР, ќе биде и една од главните теми на Министерскиот совет на ОБСЕ што ќе се одржува во декември во Скопје.