ФОТО | Џафери – Норлен: “Пристапувањето е придобивка за иднината, а не враќање во минатото“

Претседателот на Собранието Талат Џафери и делегација составена од пратениците Никола Мицевски, Соња Мираковска и Ремзи Мехмеди, остварија средба со претседателот на шведскиот Парламент, Андреас Норлен,  во рамки на Конференцијата за демократијата во Европа, која што се одржува денеска во Стокхолм.

Како што информираат од собраниската прес-лужба, на средбата е разговарано за тековните политички процеси во двете држави, за процесот на пристапување на Шведска во НАТО, за евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија, геополитичкиот контекст кој е резултат на неиспровоцираната агресија на Русија против Украина, како и билатералните односи, особено зајакнатата парламентарна соработка преку програмата за соработка меѓу двата парламенти.

Норлен, како што се наведува во соопштението, заблагодарувајќи се за учествотото на делегацијата од Собранието на високо ниво, истакнал дека тоа е индикатор дека Република Северна Македонија е сериозно посветена на унапредувањето и зачувувањето на демократијата и владеењето на правото. Тој потенцираше дека Шведска високо го вреднува тоа што Собранието беше меѓу првите Парламенти кои го ратификуваа протоколот за членство на Шведска во НАТО

Јас сум гласноговорник против билатерализација на процесите за пристапување во меѓународните односи, затоа што пристапувањето треба да се темели на степенот на исполнување на условите за членство, а не на враќање во минатото“, истакнал Норлен во однос на интеграциите во ЕУ, пренесува собраниската прес-служба.

Џафери се осврнал на тековните настани во Собранието и се задржал на уставните измени кои треба да се усвојат. 

Во моментов немаме консензус за измена на Уставот, но секојдневно правиме напори да најдеме консензус со опозицијата, заради идните генерации, а не заради политички статус“, рекол Џафери.

Во однос на билатералната парламентарна соработка, Џафери ја нагласил важноста на Програмата за парламентарна соработка со шведскиот Парламент, за која посочил дека ќе продолжи и во иднина. Џафери ипатил покана до Норлен за официјална посета на Северна Македонија.