Франција го обвинува Иран дека ја прекршил резолуцијата на Советот за безбедност на ОН поради тестирање балистичка ракета
– Франција денеска го обвини Иран дека ја прекршил резолуцијата на Советот за безбедност на ОН откако Техеран тестираше балистичка ракета со голем дострел.
Иран ја претстави четвртата генерација на балистичка ракета „Калибар“, со дострел од 2.000 километри, со боева глава тешка 1.500 килограми, јави денеска иранската новинска агенција ИРНА.
Тоа е најновото во серијата тестови на балистички ракети и лансирања на сателити, за кои Париз рече дека се загрижувачки со оглед на континуираната ескалација“ на нуклеарната програма на Техеран.
„Тие активности се се позагрижувачки во контекст на континуираната ескалација на иранската нуклеарна програма“, соопшти француското Министерство за надворешни работи.
Резолуцијата 2231 на Советот за безбедност на ОН го повикува Иран да не врши никакви активности поврзани со балистички ракети способни да носат нуклеарно оружје, но текстот не е доволно прецизен и остава простор за различни толкувања.
Западните официјални лица велат дека иако лансирањето е во спротивност со резолуцијата 2231, тие не претставуваат кршење на нуклеарниот договор од 2015 година меѓу Иран, Велика Британија, Кина, Франција, Германија, Русија и САД, јавија западни медиуми.
Западните сили се особено загрижени бидејќи ограничувањата наметнати од Советот за безбедност на ОН за ракетите и поврзаните технологии траат до октомври 2023 година, по што Иран може слободно да ја продолжи својата активност за развој на балистички ракети.
Француското министерство укажа на ескалацијата на иранската нуклеарна програма само 10 дена пред состанокот во Виена на Управниот одбор на Меѓународната агенција за атомска енергија, кој го сочинуваат претставници на 35 земји.
„Активностите на Иран претставуваат сериозни и зголемени ризици за неширење на оружјето без никакво веродостојно цивилно оправдување“, се вели во соопштението на Министерството.
Исто така, се забележува дека Франција очекува Иран да ги почитува своите меѓународни обврски… и да постигне конкретен и опиплив напредок пред состанокот на Управниот одбор“.