Франција планира да ги забрани електронските цигари за еднократна употреба: “Тие предизвикуваат лоши навики кај младите“
Француската Влада има намера да ја забрани употребата на електронските цигари за еднократна употреба, најави премиерката Елизабет Борн во денешното интервју за радио RTL.
„Планираме да воведеме нов план против пушењето кој ќе ги забрани електронските цигари за еднократна употреба, тие предизвикуваат лоши навики кај младите“, истакна Елизабет Борн, но не прецизира кога забраната ќе стапи во сила.
Елизабет Борн посочи дека пушењето е причина за 75.000 смртни случаи годишно во Франција и дека забраната за е-цигари за еднократна употреба ќе ги спречи младите да стекнат лоши навики.
И министерот за здравство на Франција, Франсоа Браун, досега неколкупати се изјасни за забрана на овој вид електронски цигари затоа што ги наведуваат младите на пушење и затоа што нивното еднократно користење е еколошки апсурд.
Иако веќе формално се забранети за малолетници, електронските цигари се особено популарни меѓу француските тинејџери.