– Министерот за внатрешни работи на Франција, Жералд Дарманин, изјави дека речиси 1.000 лица се приведени на протестите што следуваа по смртта на 17-годишниот Нахел М., а меѓу нив имало и 13-годишни деца.
Дарманин, како гостин на францускиот телевизиски канал TF1, вчера изјави дека просечната старост на приведените изнесува 17 години.
Тој истакна дека синоќа низ Франција се распоредени 45.000 припадници на полицијата и жандармеријата и додаде дека на терен ќе има и оклопни возила и хеликоптери.
Министерот Дарманин посочи дека француската власт ќе стори сѐ што е во нејзина моќ за да спречи четврта „ноќ на насилства“.
Францускиот министер истакна дека тагата предизвикана со смртта на момчето е легитимна, но дека не ги оправдува „превирањата“.
Тој повторно ги повика родителите да не им дозволуваат на своите деца да учествуваат во нередите, и нагласи дека ќе биде тужен секој кој ги користи социјалните мрежи за вршење насилство.
Министерот рече дека очекува од социјалните мрежи Снепчет и Тикток да ги дадат имињата на поединците кои ги користеле нивните услуги за организирање насилства, за да можат истите тие лица да се процесуираат.
Франција од вторникот ја потресуваат протести по смртта на Нахел М., кого полицијата го уби во вторникот вечер во париското предградие Нантер, бидејќи не запрел поради сообраќаен прекршок.
Обвинителството на Франција објави дека полицаецот кој го убил тинејџерот е обвинет за убиство со намера и сместен е во истражен затвор.