Француската премиерка: Сите опции, вклучително и вонредна состојба, ќе се разгледаат за да се врати редот

– Сите опции, вклучително и воведување вонредна состојба, ќе бидат разгледани за да се воспостави ред и мир по третата ноќ протести поради фаталното застрелување на 17-годишник од страна на полицијата, изјави денес француската премиерка Елизабет Борн.

Борн за новинарите изјави дека Владата ќе ги разгледа „сите опции“ заедно со претседателот Емануел Макрон, кој ќе одржи итен состанок попладне.

Претходно, весникот „Фигаро“ објави дека францускиот претседател е подготвен да усвои мерки за враќање на законот и редот „без табу“. Се наведува дека Макрон заминал порано од самитот на ЕУ во Брисел за да се врати во Париз.

Претседателот се очекува да биде брифиран од премиерката Борн и министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин за препораките за справување со ситуацијата што настана по смртта на Нахел М., кој беше смртно застрелан од полицијата во вторникот во париското предградие Нантер затоа што не запрел поради сообраќаен прекршок, велат обвинителите.

Обвинителството истакна дека полицаецот кој го застрела тинејџерот се товари за самоволно убиство и ставен е во истражен притвор.

Оттогаш, над 800 лица се приведени низ цела Франција, и пријавени се судири меѓу демонстрантите и полицијата во многу градови, меѓу кои и Париз, Бордо, Лион, Рубе, Марсеј и Лил.

Демонстрантите запалија повеќе објекти и вандализираа јавен имот, а одредени предградија и гратчиња во Парискиот Регион воведоа и полициски час.

Сите региони во Франција се зафатени со протести, а на видеата на социјалните мрежи се гледа и како демонстрантите ограбуваат продавници и уништуваат ресторани.

Цел беа и јавните згради, меѓу кои и училиштата, а најмалку десетина автобуси на јавниот превоз се запалени и изгорени во Парискиот Регион.

Оштетени се 942 објекти, 2.000 возила се запалени, а во текот на ноќта избувнаа 3.880 пожари, соопшти Макрон, кој беше цитиран од „Фигаро“.

Борн во претходен твит ги опиша актите на насилство како „неподносливи и неоправдани“.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека полицијата привела 875 лица, од кои 408 во Парискиот Регион. За време на судирите беа повредени и 249 полицајци.