Европската комисија покренува инвестициски пакет во вредност од 2,1 милијарди евра за Западен Балкан

– Европската комисија денеска го промовираше новиот финансиски пакет за поддршка на 14 водечки инвестициски проекти во областа на транспортот, енергијата, животната средина, човечкиот капитал и поддршката на приватниот сектор во Западен Балкан, во вредност од 2,1 милијарди евра.

Како што се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на Европската комисија, тоа е петти инвестициски пакет во рамки на Економскиот и инвестицискиот план на ЕУ за Западен Балкан.

Проектите се подготвени во тесна соработка со партнерите од Западен Балкан и меѓународните финансиски институции со цел да се забрза европската перспектива на регионот.

Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, рече: „Со овој нов инвестициски пакет испраќаме гласна и јасна порака до нашите партнери од Западен Балкан: нивната иднина е во ЕУ и ние правиме постојан напредок за да го затвориме јазот во економскиот развој. Овие проекти подобро ќе го поврзат регионот одвнатре и со ЕУ, ќе помогнат во декарбонизацијата на нивните економии и ќе ја поддржат конкурентноста на приватниот сектор во регионот. Сега, ги повикувам нашите партнери од Западен Балкан и меѓународните финансиски институции да ги реализираат овие проекти што е можно поскоро за граѓаните и бизнисите во регионот да можат да ги искористат придобивките од овие инвестиции“.