Француските земјоделци планираат да го блокираат Париз и покрај најавените отстапки од Владата

 Организациите што ги претставуваат француските земјоделци се заканија дека од утре ќе го блокираат Париз на неодредено време како поддршка на нивните барања за подобри услови за работа и живот, јави ДПА.

Унијата на млади фармери и организацијата која ги претставува земјоделските синдикати на локално ниво соопштија дека блокадата ќе започне во 14 часот по локално време (13 часот по Гринич) и ќе бидат затворени сите главни патишта кон главниот град на Франција. Двата синдиката го претставуваат мнозинството француски земјоделци.

Земјоделците од регионот Лоте и Гарон во југозападна Франција планираат да го блокираат Рунгис, огромен пазар за храна на големо лоциран на околу 13 километри јужно од Париз.

Минатиот петок францускиот премиер Габриел Атал најави големи отстапки за земјоделците. Тој рече дека ќе се повлече зголемувањето на даноците за земјоделското дизел гориво, ќе се обезбеди итна помош во вредност од 100 милиони евра за земјоделците погодени од невремето и ќе се организира помош за производителите на вино кои страдаат од прекумерно производство.

Атал денеска изјави дека Владата размислува да обезбеди поголема помош за земјоделците.

„Ќе ги разгледаме сите други мерки што можеме да ги преземеме во врска со овие аспекти на нелојалната конкуренција“, рече Атал.

Земјоделците од други европски земји, вклучително и Германија и Полска, исто така организираа протести, велејќи дека Европската унија не прави доволно за да ги заштити од поевтиното производство во други земји.