ЛИОНЕЛ МЕСИ начелно ја прифатил понудата на Ал Хилал кој му нуди 600 милиони евра по сезона без данок со двегодишен договор, пишува Футмеркато. Нивниот аргентински новинар Санти Ауна тврди дека понудата ја прифатил таткото на Меси, Хорхе, а во Саудиска Арабија веруваат дека зделката ќе се реализира.
Меси го одигра последниот натпревар за ПСЖ во саботата на домашен терен во поразот од 3:2 од Клермон, во кој ПСЖ поведе со 2:0. Тој на социјалните мрежи се прости од клубот иако неговиот договор е до 30 јуни. Ауна тврди дека единствен проблем за Саудијците е фактот што и покрај огромната понуда Меси попрво би заминал во Барселона.
Но, Каталонците имаат огромни проблеми со финансискиот фер-плеј, поради што мораа да отпуштат некои играчи на крајот од сезоната. Доаѓањето на Меси и потенцијално големата плата би требало да бидат одобрени од Ла Лига, која во последно време не е претерано поволна за Барселона.