Хамас: Го разгледуваме предлогот за договор за прекин на огнот и размена на заложници

 – Палестинската група на отпорот Хамас денес потврди дека добила предлог за договор за прекин на огнот и размена на заложници со Израел.

„Хамас го разгледува предлогот“, истакна лидерот на Хамас, Исмаил Ханије.

Тој рече дека одговорот на Хамас „ќе се заснова на приоритетот за запирање на бруталната агресија врз Газа и целосно повлекување на израелските сили од Појасот“.

Ханије истакна дека Хамас добил покана да го посети Египет за разговори во врска со предлогот.

Белата куќа вчера (понеделник) соопшти дека преговарачите кои се обидуваат да постигнат договор за ослободување на преостанатите заложници кои ги држи Хамас развиле „рамка“ што може да доведе до евентуален договор.

Според израелскиот „Канал 13“, Израел се согласил на хуманитарен договор кој вклучува ослободување на жените и постарите, како и повредените лица кои ги држи Хамас, но не ги вклучува војниците или младите лица кои ги држи Хамас.

Израел за возврат ќе ослободи стотици палестински затвореници од израелските затвори, вклучително и оние кои се осудени за убиство на Израелци, објави израелскиот телевизиски канал.

Медиумот јави дека Израел ќе ги паузира борбите до два или повеќе месеци, без обврска да стави крај на војната.

Катар вчера го истакна напредокот во разговорите за прекин на огнот во Појасот Газа.

Се верува дека Хамас држи речиси 136 Израелци по неговиот прекуграничен напад на 7 октомври.

Израел започна смртоносна офанзива на Појасот Газа на 7 октомври, во која досега загинати се најмалку 26.751 Палестинец, а повредени се 65.636. Се смета дека во нападот на Хамас загинати се речиси 1.200 Израелци.

Израелската офанзива остави 85 отсто од населението на Газа внатрешно раселено, акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, и 60 отсто од инфраструктурата на енклавата оштетена или уништена, според ОН.