Хамас предупредува: Патот на преговорите нема да биде отворен неограничено

– Официјален претставник на Хамас денеска изјави дека преговарачкиот процес за прекин на огнот во Газа со Израел „нема да биде отворен неограничено“ додека посредниците се обидуваат да постигнат компромис за пауза во борбите пред почетокот на Рамазан.

– Нема да дозволиме патот на преговорите да биде отворен на неодредено време додека продолжува организираната агресија и гладот против нашиот народ, рече Осама Хамдан на прес-конференција во Бејрут.

Посредниците Египет, Катар и САД со недели се обидуваат да постигнат примирје во војната што почна на 7 октомври по нападот на Хамас врз Израел.

Примирјето ќе овозможи ослободување на израелските заложници што се држат во Појасот Газа во замена за Палестинците во затворите во Израел.

– Непријателот нема да го помине преку преговарачката маса она што не успеа да го добие на бојното поле, рече Хамдан.

– Безбедноста и сигурноста на нашиот народ ќе бидат обезбедени само со траен прекин на огнот, крај на агресијата и повлекување од секој квадратен сантиметар од Појасот Газа … Пред тоа не може да има процес на размена на заложници, рече тој.

Вашингтон денеска го повика Хамас „веднаш да прифати примирје“ со Израел, додека преговорите во Каиро за постигнување примирје продолжуваат трет ден по ред.

Американскиот претседател Џо Бајден денеска изјави дека работата е во рацете на Хамас.

Како дел од преговорите, Хамас бара повлекување на израелската армија од Појасот Газа, враќање на раселените жители на Газа на север од територијата и влез на хуманитарна помош за населението на кое му се заканува глад на палестинската територија, соопшти извор близок до палестинското исламистичко движење.