Хамас преместува возила 50 метри под земја

Израелската армија соопшти дека е откриен еден од најголемите подземни тунели што ги користи Хамас во северниот дел на Газа.

Израелската армија (ИДФ) на својот профил на „Х“, поранешен „Твитер“ објави дека открила еден од најголемите подземни тунели што ги користи Хамас, пишува „Тајмс оф Израел“. Тунелот се наоѓа во близина на граничниот премин Ерез.

Тунелот е долг околу четири километри, максималната длабочина е околу 50 метри и е доволно простран за да минуваат возила. Тунелот не навлегува на израелска територија.

Еден од влезните окна што беше откриен се наоѓа на само околу 400 метри од граничниот премин Ерез, кој до почетокот на конфликтот меѓу Израел и Хамас, кој започна во раните утрински часови на 7 октомври, дозволуваше движење на палестинските цивили во Израел поради одење на работа и поради медицински причини. Израел додаде дека претходно користел напредна технологија за да открие систем од подземни тунели што ги користи Хамас.