Замрзнатиот дожд и студеното време што ја погодија Германија доведоа до сообраќајни несреќи во кои загинаа три лица, додека аеродромот во Минхен привремено ги прекина летовите.
Ученик загина во несреќа со училишен автобус во планините Ерзгебирге во источната германска покраина Саксонија, соопшти полицијата.
Најмалку уште десет ученици се пренесени во болница. Двајца возрасни, меѓу кои и возачот на автобусот, се тешко повредени.
Автобусот удрил во страна на возило за зимско одржување на патиштата во областа Сехматал во близина на границата со Чешка, јави германската новинска агенција dpa.
Во Минхен, сите летови беа или откажани или одложени помеѓу 6 и 12 часот по локално време, а аеродромот предупреди дека многу летови закажани за денеска, исто така, би можеле да бидат погодени од тешките временски услови.
Авион на Луфтханза од Њујорк слета напладне, сигнализирајќи за продолжување на летовите.
Аеродромот, вториот по големина во Германија, најави привремено затворање во понеделник навечер поради временските прогнози за вторник.
Летовите беа прекинати и на аеродромот во Минхен во саботата по обилните снежни врнежи во градот и јужната германска покраина Баварија.
Уште две лица загинаа во судир на автомобил и трактор-приколка на автопатот А8 во Горна Баварија.
Според полицијата, нивниот автомобил се лизнал под задниот дел на камионот, кој запрел поради замрзнатиот дожд на површината на автопатот.
Автопатот А99 во близина на Минхен е затворен во двата правци откако во верижен судир учествувале 13 возила, јавува dpa.
Засега нема информации за евентуални повредени.
Железничкиот оператор Дојче Бан соопшти дека сообраќајот во регионот на Минхен ќе биде засегнат неколку дена.
Железничките линии за австриските градови Салцбург и Инсбрук, како и за Цирих во Швајцарија, останаа во прекин рано наутро во вторникот, но некои меѓуградски возови требаше да продолжат да сообраќаат кон Австрија подоцна во текот на денот, според ДПА.
Дојче бан соопшти дека може да има откажувања и доцнење на возовите во други делови на јужна Германија. Од патниците беше побарано да го одложат несуштинското патување до среда.
Јужна Германија, како и соседните Австрија и Швајцарија, доживеаја обилни снежни врнежи кои го зафатија јавниот транспорт низ целиот регион и поттикнаа предупредувања за можни лавини.