Вооружени мажи киднапираа повеќе од сто луѓе за време на рација во три села во северозападна Нигерија во петокот вечерта, изјави денеска началникот на округот Замфара, Алхаџи Бала.
Тој рече дека биле нападнати селата Гора, Мадомава и Џамбузу, а биле киднапирани околу 67 жени и 38 мажи, пренесува Ројтерс.
Тој предупреди дека постои можност бројот на киднапирани да биде поголем. Локалните банди често ги киднапираат жителите на Замфара и поставуваат кампови во блиската шума, кои неколкупати биле бомбардирани од нигериската армија.
„Киднапирањата го прекршуваат мировниот договор меѓу нас и бандитите.
Во февруари годинава извршивме неколку уплати за да не ја нападнат нашата територија“, изјави селскиот началник на Мадомаве.
Киднапирањето стана вообичаено во северозападна Нигерија, каде вооружените банди киднапираат луѓе од селата, автопатиштата и училиштата, а потоа бараат откуп.