ХАОС ВО ШВЕДСКА – Паѓаат бомби, мафијата дивее, војната за територија голта жртви, а сите се прашуваат само едно: “Каде се крие главниот виновник !?“

Минатиот месец бомба пукна пред една куќа во предградие на главниот град на Шведска, Стокхолм, повредувајќи едно лице, а многу други граѓани останаа исплашени за нивната безбедност.

Неколку часа по експлозијата, запрепастените граѓание собирале парчиња дрва и плочки кои биле расфрлани од експлозијата недалеку од детско игралиште.

Сè уште можам да го почуствувам мирисот на барут и сè уште наоѓам парчиња стакло во мојата коса“, изјавила за новинарите 17-годишна девојка која живее во куќа недалеку од местото на експлозијата.

Ова е како кошмар. Чувствувам дека секој момент ќе се разбудам во креветот и сето ова ќе е само сон“, додала таа за тамошните медиуми.

Во последниве недели, бројот на одмаздувачки напади поврзани со банди во Стокхолм значително се зголеми особено по експлозијата во март поврзана со членови на семејство кои работеле со наводен трговец со дрога.

Но, наводниот „крал на наркотици“ нема да одговара пред шведскиот суд толку брзо од една едноставна причина – тој е во Турција, пишува еминентниот весник Politico.

Случајот на Рава Маџид, познат меѓу неговите соработници како „курдската лисица“, претставува неверојатен случај на промена на улогата на Шведска и Турција. За шведската Влада, односите со Турција се политички многу важни и го спротивставуваат најприоритетното надворешнополитичко прашање – членството во НАТО – со најприоритетното внатрешно прашање – борбата против насилниот криминал.

Откако обезбедил турски пасош благодарение на инвестициската шема на турската Влада за државјанство, 36-годишниот Маџид, кој пораснал и живеел во Шведска, сега е надвор од дофатот на шведскиот правосуден систем.

Од Турција е побарано да го екстрадира Рава Маџид“, вели јавниот обвинител Хенрик Седерман за весникот и додава: „Но, турските власти рекоа дека екстрадицијата не е можна бидејќи Рава Маџид е државјанин на Турција“.

Кој е „курдската лисица“ ?

Според Шведското национално радио, Маџид е роден во Иран, но како дете се преселил во Упсала, околу 70 километри северно од Стокхолм.

Во 2010 година тој беше осуден на 10 години затвор за злосторства поврзани со дрога, меѓу кои и шверц на кокаин од Норвешка. Набргу по излегувањето од затвор, а поради очигледни закани, тој се преселил во Ирак, а потоа во Турција.

Експертите сугерираат дека серија апсења на луѓе поврзани со водачите на шведското подземје – што се засноваше на кршење на шифрирани комуникации – му овозможиле на Маџид да заземе поголема територија на нарко пазарот.

Криминалната мрежа на „Курдската лисица“ е најзначајната криминална група која моментално ја истражува шведската полиција. Меѓу другите групи е и банда наречена „Дала“ со седиште во Стокхолм, предводена од лице со прекар „Грк“.

Маџид бил главно надвор од очите на јавноста до почетокот на минатата година, кога во Стокхолм се засили конфликтот меѓу него и ривалските банди.

Судењето поврзано со еден многу насилен инцидент – убиството на маж на југот на Стокхолм минатиот март – требаше да започне минатата недела, но поради отсуство не се случи.

Во изјавата на државниот обвинител пред судењето, се вели дека четворица мажи и една жена се обвинети дека се поврзани со група наречена „Фокстрот“, наводно предводена од Маџид. Во соопштението се наведува и дека постои сомнеж дека Маџид планирал да изврши убиство.

Маџид има многу малку изјави во јавноста и не е јасно дали има адвокат во Шведска. Во неодамнешниот телефонски разговор со шведскиот новинар Дијамант Салиху, Маџид ги негираше сите обвинувања.

Турција веќе со месеци го блокира влезот на Шведска во НАТО – што Шведска го побара по руската инвазија на Украина – и тврди дека Шведска е засолниште на многу криминалци.

Во текот на изминатите децении, Шведска ја презеде улогата на главен бранител на човековите права и слободата на говор во Европа.

Шведска во различни фази – на пример, по прогонот на политичките неистомисленици пред наводниот обид за државен удар во Турција во 2016 година – им понуди азил на противниците на турската држава кои бегаат од, како што велат, политичкиот прогон.

Сепак, Владата во Анкара тврди дека многу новинари и активисти кои побарале азил во Шведска во изминатите години се всушност терористи и заговорници кои планираат да го соборат турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Шведските судови работат на турските барања за депортација во согласност со договорот постигнат на самитот на НАТО во Мадрид минатото лето меѓу Шведска, Турција и Финска.

Реџеп Таип Ердоган

Досега, шведските власти одлучија само еден човек, Махмут Тат, да биде депортиран, додека другите чија екстрадиција беше побарана од Турција, добија право да останат во Шведска според законот за азил во земјата.

Тат побара азил во Шведска откако беше осуден во Турција за соработка со ПКК (Работничка партија на Курдистан), која Европската унија ја прогласи за терористичка организација.

Минатата недела Финска успешно стана членка на НАТО откако беше поддржана од Турција, која, пак, продолжува да ја блокира Шведска.

Шведска ги отвори вратите за терористите, но тоа не е случај со Финска“, изјави Ердоган во средината на март, објаснувајќи ја одлуката на неговата Влада да заземе различни позиции во однос на членството на двете соседни земји во НАТО.

Покрај поголемата подготвеност на Шведска да прими баратели на азил од Турција, Анкара е бесна и поради неодамнешните протести во Стокхолм каде беше запалена копија од Куранот.

И додека бројот на убиени во вооружени конфликти во Шведска расте, Владата на премиерот Улф Кристерсон е под голем притисок да покаже напредок во истрагите против луѓе како Маџид.