ХАОС НА УЛИЦИТЕ ВО ТЕЛ АВИВ: Демонстрантите го пробија кордонот во близина на куќата на Нетанјаху, блокиран е главниот автопат во градот! (ВИДЕО)
Беше запален и оган
Илјадници Израелци излегоа денес на улиците во знак на протест поради разрешувањето на министерот за одбрана Јоав Галант од страна на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој ја повика владата да го прекине контроверзниот план за реформи во судството. На снимката се гледа како илјадници граѓани го блокираат главниот автопат во Тел Авив, како и група демонстранти кои палат оган на средината на патот.
Демонстрантите подоцна вечерва го пробија кордонот пред куќата на Нетанјаху. Галант во саботата ја повика владата да го запре усвојувањето на законите за промени во судството, велејќи дека жестокиот спор околу мерките е опасност за земјата.
Реформата во правосудството, предложена од министерот за правда Јарив Левин, ќе биде најрадикалната промена досега во системот на владеење во Израел бидејќи ќе ги ограничи овластувањата на Врховниот суд, ќе и овозможи на владата да избира судии и ќе го прекине назначувањето правни советници за министерствата од страна на јавниот обвинител. Нетанјаху, кому му се суди за корупција, тврди дека неговиот план за реформирање на судството ќе ја унапреди демократијата.
Во Израел со месеци се одржуваат граѓански протести против најавената реформа.