– Лидерот на опозициска партија Алијанса за иднината на Косово, Рамуш Харадинај, вели дека актуелниот косовски премиер Албин Курти е единствениот премиер кој не му верува на системот на сопствената држава, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според Харадинај, Курти „и за најчувствителните владини и државни операции ангажира луѓе кои се надвор од системот“, односно, како што вели, „негови јарани“.
Како пример, поранешниот премиер го споменува бизнисменот Ридван Мухареми, кој е еден од тројцата уапсени во аферата со набавки за државни резерви од страна на Министерството за индустрија, претприемништво и трговија. Покрај Мухареми, уапсени се уште двајца ракводители на сектори во тоа Министерство.
– Албин Курти е единствениот премиер кој не му верува на системот на сопствената држава и создава паралелен систем. Тој и за најчувствителните владини и државни операции ангажира луѓе кои се надвор од системот, но кои е доволно да бидат негови јарани, како што е примерот со Ридван Мухареми, напиша Харадинај на својот Фејсбук.
Тој напоменува дека се тоа „оние кратки врски на фаќањето на државата со пријатели и пајташи“ за кои предупредувал уште пред една година.