Три деца и нивната баба беа убиени во неделата кога израелско беспилотно летало удрило во нивниот автомобил во село на југот на Либан, соопштија либанското проиранско шиитско движење Хезболах и безбедносни извори.
Хезболах соопшти дека дронот удрил во автомобилот на роднина на либанскиот новинар Самир Ајуб . Ајуб патувал во еден автомобил, а децата на неговата внука и нивната баба во друг. Државната новинска агенција (ННА) потврди дека четворица од загинатите се роднини на Ајуб.
Автомобилите се движеле меѓу градовите Аината и Аитарун во неделата вечерта кога биле погодени од израелски воздушен напад.
Во соопштението, Хезболах рече дека како одговор на „грозоморното, брутално злосторство извршено од ционистичкиот непријател попладнево… борците на Исламскиот отпор (Хезболах) го бомбардираа Кијат Шмона со неколку ракети Град (Каќуша).
Ајуб за либанската телевизија Ал Мајадин изјави дека „(израелската) окупација не може да тврди дека децата во автомобилот припаѓаат на движењето на отпорот во Либан“.
„Израелското таргетирање на цивили во агресијата против Либан… е грозоморно злосторство додадено во досието на злосторствата на окупацијата“, рече привремениот либански премиер Нагиб Микати .
Арапскиот портпарол на израелската војска Авичај Адраи рече дека „Хезболах напаѓа израелски воени локации и цивилни градови без да прави разлика меѓу цивили и воен персонал“.
Тој додаде дека еден од нападите резултирал со смрт на израелски државјанин.
„Терористичкиот Хезболах продолжува да ја дестабилизира безбедноста на северната граница и неселективно да ги напаѓа северните жители, ризикувајќи ја стабилноста во јужен Либан“, рекол тоj.