ХЕ Чебрен – историски проект што треба да ја трансформира македонската енергетика

Од денот на независноста во 1991 година, преку виорите на војните во СФРЈ, преку меѓународната афирмација на државата, па се до членството во НАТО, често пати во јавноста се слушаше за мегапроектот ХЕЦ Чебрен.

Оваа година, по точно 13 нереализирани обиди, овој проект конечно почна да го гледа светлото на денот.

Грчката фирма ППЦ – Архиродон ја доби концесијата за користење на водата на Црна Река во Северна Македонија за производство на струја со изградба на хидроелектрични централи со што после повеќе од 30 години, овој тендер е успешно реализиран.

Што во суштина е Хидросистемот Чебрен?

ХЕЦ Чебрен е реверзибилна централа на Црна Река, што ќе се полни со вода во текот на ноќта кога цената на електричната енергија е најниска, со што ќе се овозможи производство на струја во часовите кога цената е најскапа на берза и на тој начин ќе обезбеди дополнителни количини на домашна евтина електрична енергија за домаќинствата.

Нејзиниот капацитет ќе биде 333 мегават часови, со што можат да се задоволат потребите на 250.000 домаќинства со просечна потрошувачка на електрична енергија.

Овој капацитет силно ќе влијае на зајакнување на енергетската независност на државата, а поради oгромната количина на електрична енергија која може да се произведе ќе може активно да се учествува на регионален пазар на балансна енергија.

Но освен за енергетиката ХЕЦ Чебрен ќе има важна улога и во заштитата од поплави, како и во водоснабдувањето на земјоделските површини, а браната ќе биде неверојатно висока со висина од 192 метри.

„Првичниот бенефит од Чебрен е заштита од поплави, регулација на речното корито на Црна река, потоа сега заради климатиските промени уште поизразена ќе биде потребата од вода. Генерални бенефити, тоа се приоритетните“ изјави директорот за развој и инвестиции во ЕСМ, Виктор Андонов во „Утрински печат“.

Проценетата вредност на инвестицијата е околу една милијарда евра, а предвидениот рок за нејзино завршување е 7 години.

Она што е важно во целиот овој проект е тоа што Владата, односно државата нема да потроши ниту едно евро за самата изградба на хидросистемот, но сепак обврска на АД ЕСМ е да обезбеди пристапни патишта, експропропијација на земмјиште, приклучок на струја.

„Обврска на инвеститорот е да ја изгради Чебрен. Ние нема да даваме никакви пари. Да биде и 500 и 700 и милијарда се обврска на инвеститорот. Пошто имаше тези еве тие намерно ставиле милијарда за ЕСМ да даде 330 милиони. Тоа не е така. ЕСМ учествува со пристапен пат, изградба на приклучок на мрежа, експропријација на земјиште и студија за животна средина и Тиквеш“ вели Андонов.

И овој тендер не поминув без критики, што се крие зад нив?

И за овој тендер, опозицијата предводена од Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ упати низа критики кон Владата, обвинувајќи за криминал, за расипништо и недомаќинско управување со државните ресурси, а во фокусот на обвинувањата е иднината на ХЕ Тиквеш.

„Државата на компанијата што ќе ја добие оваа набавка ќе и ја отстапи хидроцентралата „Тиквеш“ која фунционира на Црна Река, три месеци по датумот на старт на изградбата на хидроцентралата „Чебрен“. Значи почнувате да градите и три месеци потоа го добивате „Тиквеш“ изјави неодамна Мицкоски.

Сепак, ако се земе предвид ставот на владините претставници и државни функционери. ваквите тврдења на Мицкоски не се целосно точни.

„Според донесената Одлука, избраниот понудувач има обврска во рок од 3 месеци да го склучи Договорот за заедничко вложување и да основаат акционерско друштво со АД ЕСМ, во кое што АД ЕСМ учествува со 33% од акционерскиот капитал. Регистрираното друштво е должно во согласност со одредбите на Законот за водите, а пред потпишување на договорот за концесија, да обезбеди дозвола за користење на водата. Со оваа одлука се овозможува реализација на еден од најголемите и најважните енергетски проекти во Република Северна Македонија. Проценетата вредност на инвестицијата е околу 1 милијарда евра со која е предвидена изградба на реверзибилна хидроцентрала Чебрен, со инсталиран капацитет од најмалку 333 MW. ХЦ Чебрен е предвидено да има функција на производство на електрична енергија, како и режим на пумпање и враќање на водата назад со што на Црна Река предвидено е создавање ново вештачко езеро, кое ќе биде најголемо во нашата држава“, велат од Владата.

Ако се погледне одлуката за која зборуваат и Мицкоски и Владата, нема простор за различно толкување.

Станува збор за иста одлука која е изменета во согласност со законот, со цел заштита на интересите на граѓаните. Во одлуката јасно е наведено дека сите услови ќе бидат наведени во тендерската документација и договорот за заедничко вложување, кој е составен дел на тендерската документација. Таму е местото каде се дефинирани сите обврски и права на приватниот инвеститор, и на ЕСМ како јавен партнер.

Во однос на ХЕЦ Тиквеш јасно е наведено дека ќе се внесе во заедничката компанија три месеци по завршувањето на изградбата на Чебрен, додека во 2013 година стоело дека ХЕЦ Тиквеш ќе се даде на фирмата концесионер три месеци по започнувањето на градбата на Чебрен.