Со почетокот на Олимпијадата во Париз, хотелските оператори направија последен чекор за да привлечат гости во последен момент, намалувајќи ги цените и укинувајќи ги условите за минимален престој, откако многумина се спротивставија на зголемените цени пред почетокот на Игрите.
Париската туристичка канцеларија во понеделникот соопшти дека просечните цени за престој во хотел за време на игрите паднале на 258 евра по ноќ – намалување од предходните 342 евра, што во тоа време претставуваше зголемување од 70 отсто во однос на просечната цена од 202 евра во јули 2023 година.
Туристичките агенции велат дека туристите може да добијат попусти кои се движат од десет проценти до дури 70 проценти бидејќи операторите нудат поевтини зделки откако побарувачката за престој за време на Игрите не ги исполни очекувањата поради високите цени и безбедносните грижи.
„Угостителството во Франција и ширум светот недвосмислено научи лекција против зголемувањето на цените кога сака да ги искористи предностите од големите настани“, рече Тим Хеншел, извршен директор на Хотел Планер, веб-страница за резервации за патувања која овозможува резервации за 1,4 милиони сместувања ширум светот.
Хотел Планер објави дека до почетокот на август забележал пад од дури 66 отсто на просечните хотелски цени за хотелите со четири ѕвезди во Париз.
Во јули, францускиот хотелски оператор Accor ги ревидираше своите очекувани приходи од Олимпијадата, откако претходно предвиде зголемување од два отсто на приходите по достапна соба во Франција за време на Игрите.
„Тоа веќе не е така“, рече извршниот директор на Accor Себастиен Базин за време на разговорот за заработката од игрите. Тој, сепак, рече дека пополнетоста и стапките се се уште подобри од стапката на искористеност од 80 проценти во другите хотели на Accor.
Некои хотели ги укинаа ограничувањата, вклучително и барањата поврзани со датумите на пристигнување и должината на престојот, за да привлечат гости во последен момент, велат туристичките агенти.
„Правилата паднаа, но цените не“, рече Нил Курман, туристички агент на Protravel International, луксузна туристичка агенција. Хотелите со пет ѕвезди како Le Royal Monceau Raffles сè уште наплаќаат речиси 3.000 евра по ноќ за време на игрите, рече тој.
Accor би можел да забележи зголемување на приходите од собите за 0,5 отсто ако патниците поитаат во градот во месеците по Олимпијадата, рече Базин од Accor, но изгледите на компанијата остануваат конзервативни, пренесува Reuters.