ХРАНА КОЈА ТРЕБА ДА ЈА ИЗБЕГНУВАМЕ ВО СТУДЕНИТЕ ДЕНОВИ – Доктор открива што треба да направиме за да се заштитиме
Диететичарот д-р. Ева Павиќ од Загреб открива која храна треба да ја избегнуваме за да не го ослабиме имунитетот.
Сезона на настинки и грип, нови мутации на вирусот Ковид-19, променливо време и високи температури за овој период од годината – сето тоа влијае на нашето тело и имунитет. Поради ова, докторката од Хрватска ја истакна важноста од консумирање локална сезонска храна и фокусирање на разновидноста во исхраната.
„Истражувањата покажаа дека мнозинството Европејци, вклучително и Хрватите, и останатите народи од поранешна Југославија, не ја консумираат препорачаната количина на овошје и зеленчук од пет порции дневно, па затоа се препорачува промена на навиките за исхрана како ефикасно решение за зачувување на здравјето на имунолошки систем“, вели докторката која препорача храна која е особено погодна за зајакнување на имунитетот.
Јогурт
„Познато е дека јогуртот може да влијае на општото подобрување на отпорноста на организмот. Поточно, докажано е дека лактобацилите од јогуртот го подобруваат имунитетот со тоа што придонесуваат за формирање на специфични антитела при инфекции, како и нормализирање на пропустливоста на цревната слузница“, објаснува таа за Tportal.hr.
Исто така, покрај јогуртот, витаминот Ц е прв во редот за зајакнување на имунитетот. Таа додава дека препорачаната дневна доза за мажи е 90 mg на ден, а за жени 75 mg на ден. Докторката го препорачува и цинкот. Иако не е сосема јасно дали цинкот спречува или ублажува настинки, голем број студии покажаа дека возрасните и децата со недостаток на цинк имаат поголема веројатност да страдаат од настинки и респираторни инфекции. д-р. Ева Павиќ истакнува дека препораката е овој минерал да не се зема преку таблети, туку преку храна.
Јаткасти плодови
Јаткастите плодови се уште еден вид на храна што може да ни помогне во овој период од годината, и кога станува збор за имунитетот и кога станува збор за слабеење.
„Јаткастите плодови се многу хранливи. Покрај тоа што се добар извор на растителни влакна кои го одложуваат празнењето на желудникот, го забавуваат разградувањето на јаглехидратите и влегувањето на шеќер во крвта, тие се богати и со магнезиум, кој помага во регулирањето на нивото на шеќер во крвта“, објаснува д-р. Ева Павиќ.
Која храна треба да ја избегнуваме ?
Според советите на докторката, треба да избегнуваме да јадеме тесто од бело брашно и компири. Исто така, проблемот со имунитетот се јавува поради прескокнување на појадок или јадење „од нозе“.
„Треба да избегнувате и месни производи, како што се салама, колбаси, виршли и паштети. Поради големото количество шеќер, треба да избегнувате и слатки и пекарски производи, бидејќи тие се главно само празни калории, како и едноставни јаглехидрати и лоши масти“, рекла таа на крајот.