Хрватска е на ЕП! Ова се селекциите кои се пласираа на ЕП преку квалификациите (фото)

Се одиграа последните квалификациски натпревари за ЕП 2024 година, а последната земја која успеа да се пласира на ЕП е Хрватска. 

Хрватите го направија тоа што се очекуваше од нив и во последното коло забележаа победа од 1:0 над Ерменија на домашен терен.

На овој натпревар Хрватите одиграа онолку колку што требаше. Играа мирно, трпеливо градеа напади и чекаа гол за да поведат. Кон крајот на полувремето успејаа во намерата.

Соса нафрли од лево, го најде Будимир на првата статива. Напаѓачот на Осасуна со глава ја испрати топката во првиот агол на голманот Чанчаревиќ.

Ерменскиот бункер беше пробиен, но до крајот на мечот немаше резултатска промена, па Хрватска директно се пласираше на ЕП. На овој начин Хрватите ги завршија квалификациите втори во групата Д со 16 бода, еден помалку од првопласираната Турција.

Така комплетирани се сите репрезентации кои стигнаа до Германија преку квалификациите. Останува преостанатите три места да ги пополнат репрезентации кои ќе обезбедат пласман преку Лигата на нации.

Досега место обезбедија: Германија, Португалија, Франција, Шпанија, Белгија, Англија, Унгарија, Турција, Данска, Албанија, Романија, Австрија, Шкотска, Словенија, Словачка, Чешка, Холандија, Италија, Србија, Хрватска, Швајцарија, и три репрезентации кои ќе се пласираат преку Лигата на нации.

Кога станува збор за ждрепката, таа е закажана за 2 декември во Хамбург.