Хрватскиот претседател Милановиќ во официјална посета на Бугарија

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ во четврток пристигна во официјална посета на Бугарија на покана на претседателот Румен Радев, соопшти претседателскиот прес секретаријат. Разговорите меѓу двајцата претседатели ќе се фокусираат на перспективите за проширување на бугарско-хрватската соработка, продлабочување на дијалогот на највисоко ниво, како и прашања од регионалната и европската агенда.

Претседателот Радев и неговата сопруга Десислава Радева со официјална церемонија пред претседателската зграда ги пречекаа хрватскиот претседател Милановиќ и неговата сопруга Сања Мусиќ Милановиќ.

Радев и Милановиќ ќе остварат средба еден на еден, по што ќе се одржат пленарните разговори меѓу официјалните делегации. Потоа, претседателите ќе дадат изјави за медиумите.

За време на посетата, Милановиќ треба да разговара со привремениот премиер Галаб Донев и со претседателот на Националното собрание Росен Жељазков. Шефот на хрватската држава ќе одржи и предавање пред студентите на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Софија.