Хрватскиот претседател Милановиќ: Преговорите за влез на Босна во ЕУ ќе траат подолго отколку во турската окупација

Претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ изјави дека во Европскиот совет ќе гласа за отворање преговори за членство на Босна и Херцеговина во Европската унија, но оцени дека преговорите за членство ќе траат 500 и повеќе години.

Тој рече дека бил за отворање преговори за членство на Босна во ЕУ и пред хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, пренесува klix.ba.

„Преговорите за влез на Босна во ЕУ ќе траат подолго отколку во окупацијата на Турците“, смета Милановиќ.

Хрватскиот претседател изјави за новинарите дека доколку тој бил на местото на Пленковиќ, ќе барал Хрватите во Босна и Херцеговина да добијат право да изберат свој член на Претседателството на Босна и Херцеговина.

„Мораме да се бориме за она што им е украдено, она што им припаѓа според Дејтон, што Пленковиќ не се осмели да го направи и јас веднаш ќе го сторам“, рече тој.

Инаку, Босна и Херцеговина официјално аплицираше за членство во Европската Унија на 15 февруари 2016 година, по повеќегодишни уставни реформи и обврски кон Дејтонскиот мировен договор.