Хрватски кардиолог објасни што е „студен шок“ и како да ги избегнете фаталните последици

Без разлика колку ви е топло и колку сте нетрпеливи, ненадеен скок во вода на високи температури може да резултира со трагични последици.

Сѐ поради ефектот што струката го нарекува студен шок и кој е потенцијално смртоносен.

Намокрете се пред да скокнете
Студениот шок е одговор на вашиот организам на ненадејниот контакт на (загреаното) тело со ладната вода.

Што точно се случува во телото при студен скок откри кардиологот Дражен Шебетиќ од Поликлиниката Шебетиќ од Загреб за порталот Морски.хр.

– По изложување на високи температури доаѓа до ширење на крвните садови – артериите и вените. При ненадејното влегување во вода која е многу студена или поладна од воздухот, телото реагира на спротивен начин и нагло ги стеснува крвните садови. Тоа потенцијално доведува до спазам (грч) на крвните садови и зголемување на притисокот на оптоварување на срцето, што кај срцевите болни или лицата кои страдаат од нарушен притисок може да доведе до акутно попуштање на срцето и ненадејна смрт – вели кардиологот.

Сите мора да бидат претпазливи и да се чуваат, а не само луѓето кои се свесни за своите проблеми со срцето или постарите лица. Повеќето жртви на студениот шок се на возраст под 30 години, покажуваат статистичките податоци. И тие се главно машки пол.

Затоа, пред да влезете во зоната за освежување:
– намокрете се со вода и намалете ја телесната температура на телото

– никогаш не скокајте или трчајте веднаш по сончањето

– пијте многу течности и користете заштитен фактор

– не влегувајте во море/вода со полн желудник

Кај студениот шок, основното правило е да го игнорирате природниот човечки инстинкт за преживување и да престанете избезумено да пливате. Оваа навидум спасувачка тактика е, всушност, потенцијално смртоносна замка и најлошата одлука што можете да ја донесете. Дополнително го напрега срцето, ја лади кожата и потенцијално ги полни белите дробови со вода. Исходот е можно давење, пишува „Морски.хр“.

Во случај на настанување на студен шок совет е да лебдите 60-90 секунди. Откако ќе се стабилизира вашата телесна температура и дишење, можете повторно да пливате.