Х со најголем процент на дезинформации, покажува студијата на Европската комисија

Х, порано Твитер, има најголем процент на дезинформации од шесте главни социјални мрежи, покажа студија на Европската комисија.

Комисијата испита над 6.000 посебни објави на социјалните мрежи на Facebook, Instagram, LinkedIn, TikTok, X и YouTube, пренесува Телеграфи.

Студијата анализираше содржина во три земји кои се сметаат за особено ранливи на дезинформации – Шпанија, Полска и Словачка.

„Мојата порака до [X] е: мора да се придржувате до строгиот закон. Ќе набљудуваме што правите“, предупреди еврокомесарот за вредности и транспарентност, Вера Јоурова.

Студијата за дезинформации што ги поттикна забелешките на Јоурова ги опфати Шпанија, Полска и Словачка, земји кои се изложени на ризик да бидат цел на дезинформации поради изборите или близината на војната во Украина.

Платформата со највисок „сооднос на откривање“ во однос на дезинформации – што значи процентот на чувствителна содржина што е дезинформација – беше Twitter. Јутјуб имаше најниско ниво, сугерираше студијата.