Царинската управа во Република Македонија оствари зголемување на приходите од 5,4 проценти во јули во споредба со истиот месец минатата година, изјави директорот на Царината, Бобан Николовски.
Тој вели дека зголемувањето на приходите се должи на зголемувањето на обемот и вредноста на увозот на машини, електрична опрема, моторни возила, како и на зголемената количина на нафтени производи пуштени во слободен промет.
„Остваривме највисока месечна наплата на приходи во историјата на Царинската управа, 205,5 милиони евра. За првпат ја надминуваме недостижната бројка од 12 милијарди денари, за нас тоа не е само бројка, ова ќе го сметаме за историски момент.“
„Минатата година во истиот месец јули 2024 година, наплатата достигна 11 милијарди и 993 милиони денари, оваа година ја надминавме за 5,4 проценти или зголемување од 10,5 милиони евра повеќе од рекордната наплата што ја постигнавме тогаш“, изјави Бобан Николовски, директор на Царина.