„Целта на оваа војна е да се уништи Газа и нејзиниот народ“

Британскиот хирург од палестинско потекло, Газан Ебу Сите, во Појасот Газа дошол на 9 октомври преку Египет со „Лекари без граници“, за да им помогне на Палестинците бомбардирани од израелските сили.

Ебу Сите таму бил 40 дена и како што рече, хуманитарната ситуација во Газа и понатаму е „катастрофална“.

Специјалистот по пластична и реконструктивна хирургија, Газан Ебу Сите, во Газа дошол на 9 октомври, два дена по почетокот на израелските напади.

Работел во многу лоши услови во болниците Ал Шифа и Ал Ахли до 18 ноември.

Британскиот хирург преку различни медиуми се обидува да му ги пренесе на светот случувањата во Газа.

Ќе остане запаметено неговото обраќање до медиумите и светот меѓу човечките тела по израелскиот напад на болницата Ал Ахли на 17 ноември, кога беа убиени 500 луѓе.

По 40 дена беше принуден да ја напушти Палестина и да се врати во Велика Британија, бидејќи во Појасот Газа не беа во можност да ја пружаат потребната помош поради недостатокот на лекарства и медицински материјали.

Ебу Сите продолжи да е во контакт со своите колеги во тоа подрачје.

Во разговор за Анадолу, ја раскажа моменталната состојба во Појасот Газа и сѐ она што го преживеал таму како хирург.

Според неговите зборови, хуманитарната криза во Газа сѐ уште е многу сериозна.

„Многу малку хуманитарци влегоа во Газа. Тоа многу малку ја подобри ситуацијата во овој регион. Храната е доставена во болницата Ал Ахли. Некои лекови се испорачани, но утре повторно ќе започне војната. Ако почне, тоа не е доволно да се одржи сегашната ситуација“, појасни Ебу Сите.

Во разговор со колегите кои сѐ уште се во Газа можел да чуе дека луѓето за време на хуманитарната пауза копаат под урнатините за да ги пронајдат телата на своите најмили и достоинствено да ги погребаат.

„Има недостиг на храна, вода и лекови. Имаше 36 болници, а само 9 преживеаја. Тоа е причината зошто ранетите се на чаршави на подовите од болниците. Јасно е дека целта на оваа војна е да се уништи Газа и нејзиниот народ, етнички да се уништи Газа и нејзиниот народ. Да се уништи, да нема услови за живот и да се натераат луѓето да го напуштат тоа подрачје“, рече Ебу Сите.

Зборуваше и за израелските намери и зошто ги уништуваат болниците.

„Ако сакате некое место да го направите неповолно за живеење и нормален живот, ќе сторите две работи. Ќе им нанесете рани на 37.000 луѓе и ќе го уништите здравствениот систем, така што тие нема да можат да се лекуваат. Семејствата мора да ги однесат ранетите луѓе во странство, што значи дека сте ја создале Газа во која не може да се живее“, појасни Ебу Сите.

Тој наведе дека ќе ги сподели доказите за воените злосторства на кои лично сведочел додека бил во Газа.

„Подготвен сум да ги приложам доказите (за воени злосторства) на сите меѓународни институции преку својот адвокат. Моја должност како лекар не е само да ги лекувам своите пациенти, туку и да им обезбедам правда“, истакна Ебу Сите.

Зборуваше и за најголемите сценарија што би можеле да се случат во Газа следните денови.

„Најлошо можно сценарио, по тоа мислење, е дека ќе дојде до опсада на Газа по прекинот на огнот, а ниту една куќа нема да биде обновена. Ниту една болница нема да биде поправена. Нема да има медицински тимови кои ќе ги лекуваат луѓето. Ќе се продолжи како тивка смрт, за да се обезбеди дека Газа ќе стане непогодна за живеење“, додаде Ебу Сите.