Цел воен арсенал! Пиштоли, гранати, униформи на Хамас: Еве што пронајде израелската војска во болницата Ал Шифа (ВИДЕО)

Израелските одбранбени сили денеска објавија докази за пронајдено оружје на Хамас во болницата Ал Шифа во Појасот Газа за време на рацијата во медицинскиот центар.

Во соопштението се наведува дека припадниците на елитната единица на израелската армија и 36-та дивизија пронашле оружје во центарот за магнетна резонанца.

„За време на претресот во едно од одделенијата на болницата, војниците пронајдоа просторија со уникатни технолошки средства, борбена опрема и воена опрема што ги користи терористичката организација Хамас“, соопшти ИД.

Израел објави слики и видеа на кои се прикажани неколку јуришни пушки, гранати и друга воена опрема. Војската, наводно, пронашла оперативен штаб на Хамас и „технолошки средства“ во друго одделение, што укажува дека Хамас го користи објектот.

Портпаролот на ИД, Даниел Хагари, на вечерната прес-конференција рече дека војниците пронашле униформи на Хамас „кои биле фрлени на подот на болницата за да можат терористите да избегаат во цивилна облека“.

„Овие наоди недвосмислено докажуваат дека болницата била користена за терор, што е целосно кршење на меѓународното право“, рече Хагари.

ИД вели дека ќе продолжи да работи со болницата Ал Шифа, каде што се верува дека Хамас го има главниот команден центар, за да најде разузнавачки информации и средства на Хамас.