Цените во рестораните во државните институции се ниски бидејќи работиме со 15 отсто маржа и не се бориме за профит

Рестораните во државните институции кои се менаџирани од Службата за општи и заеднички работи работат на принцип на рамковни годишни набавки и маржа од 15 отсто, поради што цените се конкретни и се пониски од комерцијалните ресторани кои остваруваат профит и не фуцнкионираат со годишни јавни набавки, соопштија од СОЗР.

Од службата реагираа откако во јавноста се појавија натписи дека тие им овозможуваат богато и евтино мени на функционерите. СОЗР информира дека во рестораните во државните институции се опслужуваат илјадници вработени, но и граѓани кои ги посетуваат институциите.

„Прашањето на разликата во цените во ресторани кои ги опслужуваат државните институции и цените во комерцијалните ресторани кои ги плаќаат граѓаните не е прашање на привилегија, туку е прашање на одговорно работење и практики кои ги употребува СОЗР преку кои што се држат трошоците на институциите под контрола“ велат од СОЗР.

Тие исто така додаваат дека за разлика од енормните трошоци и милионските суми кои ги трошеше владата на ВМРО ДПМНЕ во овој сегмент, сега преку овие воведени практики на одговорно работење, трошоците се сведени на минимум.

„Сите државни институции трошат разумно и своите потреби ги задоволуваат во рамки на државните ресторани што во крајна линија значи заштеда и одговорно менаџирање на буџетските средства“ велат од СОЗР.