Цените во Хрватска до небото: 40 евра за паркинг и лежалка, 18 евра пица

Хрватска повеќе не е евтина дестинација, пишува австрискиот весник Kronen Zeitung и забележува дека цените во земјата вртоглаво пораснале по воведувањето на еврото.

„Зејтин за 4,5 евра, пица за 18 евра и паркинг за 40 евра – она ​​што звучи како луксузен одмор во скапа Швајцарија се случува во некогаш евтина земја за одмор. Во Хрватска цените вртоглаво пораснаа по воведувањето на еврото“, пишува австрискиот весник.

Хрватска на 1 јануари годинава премина на еврото и во исто време се укинаа граничните контроли со земјите од ЕУ, што, како што велат, е радост за туристите, пренесува медиумот.

Но, тоа не е случај со цените во Хрватска.

„Моментно сум на одмор во Хрватска и овде е поскапо отколку во Австрија и ме нервираат некои јадења, кои и без прилози имаат неверојатна цена“, изјави за весникот една читателка.

Слично искуство има и американската тиктокерка Ниав, која е на островот Хвар.

„На Хвар сум. Не сум била тука четири години. Хрватска сега ја смени валутата во евро. Погодете колку сега чини лежалка во познатиот бар на плажа Hula Hula? Чини 40 евра по лице за една лежалка. Ма ајде“, рече Американката.

Ова се само едни од многуте реакции на цените во градовите на брегот на Јадранското Море. Неодамна до медиумите стигнаа неколку сметки од Трогир, каде еден од туристите за кафе со млеко платил 4,5 евра, додека друг за ќебапи и помфрит платил 10,5 евра.