Цените на нафтата вчера пораснаа на меѓународните пазари, но остануваат на вистинскиот пат за нов месечен пад, откако разочарувачките економски податоци во САД и неизвесноста околу натамошното зголемување на каматните стапки влијаеа на изгледите за побарувачката.
Цената на барелот на лондонскиот пазар според договорите за испораки во јуни во однос на претходното затворање во утринската трговија се зголеми за 42 центи, на 78,79 долари, додека за испораките во јули, со кои се тргуваше поактивно, остана непроменета. Цената на овој пазар е на пат кон четврти месечен пад по ред.
Цените на Лондон закрепнаа од загубите во раните утрински часови, откако податоците покажаа дека економијата на еврозоната се врати на раст во првиот квартал, иако скромно и побавно од очекуваното.
На американскиот пазар барелот поевтини за 15 центи, на 74,61 долар и е на пат кон шести месечен пад по ред.
Забавување на американската економија
Податоците објавени вчера покажаа дека економскиот раст на САД забави повеќе од очекуваното во првиот квартал.
Инвеститорите се загрижени дека потенцијалните зголемувања на каматните стапки на централната банка во борбата против инфлацијата би можеле да го забават економскиот раст и да ја намалат побарувачката за енергија во САД, Велика Британија и Европската унија. Следниот состанок на американската централна банка ФЕД ќе се одржи од 2 до 3 мај.
На страната на понудата, рускиот вицепремиер Александар Новак во четвртокот рече дека групата производители на ОПЕК + не гледа потреба дополнително да го намалува производството, и покрај помалата кинеска побарувачка од очекуваната.
ОПЕК го намали производството
Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и сојузниците, вклучително и Русија, колективно познати како ОПЕК +, ја намалија својата заедничка цел на производство за околу 1,16 милиони барели дневно овој месец, поддржувајќи ги цените на нафтата.
Пазарот се зголеми по таа објава на ОПЕК +, но оттогаш е под притисок од загриженоста за можна рецесија и влијание врз побарувачката.
Податоците на американската влада оваа недела покажаа дека залихите на сурова нафта и бензин во САД паднаа повеќе од очекуваното минатата недела, бидејќи побарувачката за моторни горива расте пред шпицот на летната сезона на патувања.
ОПЕК денеска објави дека цената на барел од нафтената кошничка на нејзините членки во четвртокот паднала за 2,72 долари на 78,40 долари.