Црна Гора го уапси поранешниот главен специјален обвинител

По наредба на Специјалното обвинителство на Црна Гора, во неделата наутро се уапсени поранешниот специјален обвинител Миливоје Катниќ и поранешниот висок полициски службеник Зоран Љазовиќ, потврдија за Радио Слободна Европа од Специјалното обвинителство на оваа земја.

„Катниќ и Љазовиќ се лишени од слобода поради сомнение дека ги сториле кривичните дела создавање злосторничка организација и злоупотреба на службената положба“, изјави портпаролот на Специјалното обвинителство, Вукас Радоњиќ.

Тој додаде дека апсењата се извршени во соработка со европската полициска агенција Европол.

„Продолжуваат рациите во нивните домови и објекти во Подгорица, Цетина, Будва и Бијело Поле, за да се пронајдат траги од кривичното дело и работи кои можат да бидат корисни за постапката“, рече обвинителот Радоњиќ.

Тој нагласи и дека Катник и Љазовиќ ќе бидат испратени во Специјалното обвинителство на распит во законскиот рок.

Претставници на црногорската влада ја поздравија веста за апсењето на Катниќ и Љазовиќ.

Премиерот Милојко Спајиќ рече дека акцијата на Специјалното обвинителство сведочи за „степенот на инфилтрирање на организираниот криминал во институциите на системот, создаден во времето на поранешните сили“.