Турска делегација ќе ја посети руската престолнина следната недела поради технички разговори пред планираниот состанок на министрите за надворешни работи на Турција, Русија, Иран и Сирија, изјави денеска турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, пренесе Анадолија.
– Од Русите стаса понуда да се одржи состанок на техничко ниво како подготовка за евентуален состанок на министрите за надворешни работи. Ние, исто така, ќе го испратиме нашиот заменик министер во Москва следната недела, рече Чавушоглу на прес-конференција со иранскиот колега Хосеин Амир Абдолахиан во главниот град Анкара.
Чавушоглу рече дека форматот од Астана е единствениот функционален механизам за Сирија.
– Затоа им кажавме на Русите дека нема ништо лошо во учеството на Иран, додаде тој.
На 28 декември 2022 година, турскиот, рускиот и сирискиот министр за одбрана се состанаа во Москва за да разговараат за борбата против тероризмот во Сирија и се согласија да продолжат со тристраните состаноци за да се обезбеди стабилност во Сирија и поширокиот регион.
Во врска со можноста за вклучување на Иран во преговорите, Турција претходно најави дека официјална Анкара ќе биде „задоволна доколку Иран биде вклучен во овој процес“.
Иако се уште не е објавен датумот или локацијата, средбата на министрите за надворешни работи ќе биде втор разговор на високо ниво од почетокот на војната во Сирија во 2011 година.