Чадиковски: Насилниците кои нападнаа политичари беа осудени, а напаѓачите на новинарите останаа неказнети

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, се обрати на Меѓународната конференција по повод 60 години Уставен суд, каде изјави дека на 27-ми април 2017-та година во Собранието неканети гости удрија врз демократијата.

-Го оневозможија и спречија известувањето за случувањата од парламентот кои во тој момент беа од суштински интерес за јавноста. Ќе имаме ли држава, ќе не тепаат ли повторно, има ли жртви, беа често поставувани прашања на граѓаните кои чекаа информација на тв или на порталите.

Овој настан беше кулминација на еден темен период за новинарството и слободната мисла, но можеби и пресвртен момент, од кој како општество ќе извлечеме поука дека независните, објективни и професионални медиуми се основата на секоја просперитетна демократија и се самиот столб што ги поддржува вредностите на транспарентност и одговорност – рече Чадиковски.

Тој посочи дека со нападот врз слободата на изразувањето како основно човеково право не можеме да продолжиме да го чуваме интегритетот на секој поединец, не можеме да им служиме на јавноста и граѓаните, за што сме се обврзале кога сме влегле во оваа наша новинарска професија.

-Но од тој 27-ми април, новинарите кои професионално беа присутни во овој собранискиот дом започнаа битка без извесен крај. Како да ја добијат правдата, правда во име на граѓаните! Судската власт како и многу пати досега покажа двоен аршин. Насилниците кои нападнаа политичари беа осудени, а напаѓачите на новинарите останаа неказнети. Правниот поредок само делумно изрече правда за политичарите, за новинарите правосудниот систем изрече неправда.

Негативни, одбивателни тужби во низа за шестмина новинари на задача. Шест години правна битка, талкање по лавиринтите на граѓански, кривичен суд и во апелациониот суд, 8 години од настанот, со целосна поткрепа на правните тимови на ЗНМ, таа бавна неправда, конечно и делумно доби разрешница, барем еден зрак надеж од Уставните судии – рече тој.

Чадиковски додаде дека по повеќе од една година од поднесувањето на иницијативата, Уставниот суд утврди дека е сторена повреда на слободата на јавно изразување на мислата на новинарите Влатко Стојановски, Душица Мрѓа и Горан Трпеновски.

-Според чуварите на Уставот, во претходните пресуди е пропуштено да се утврди повреда на слободата на изразување на новинарите. Се чека одлука и за останатите новинари.

Со ова Уставниот суд овозможи пат – како судовите треба да постапуваат во иднина во тужбите поднесени од страна на новинари за овој случај кога беше повредена нивната уставно загарантирана слобода на изразување при известувањето за т.н. „крвавиот четврток“ – рече претседателот на ЗНМ.

Според него, ако уставни судии се гаранти на нашите права, медиумските работници се корективот на сите грешки во општеството и чувари на вистината.

-Да не бидам сфатен погрешно – никој од вас не бара да се мешате во работата на другите судови, но очекувам дека ќе застанете во одбрана на новинарското достоинство. Ќе побарам да го искористите целиот личен интегритет, кредибилитет, правнички габарит и да го заштите кажаниот збор.

Придобивките ќе бидат заеднички и во интерес на сите граѓани за да добиеме здраво демократско општество во кое ќе преовладува взаемната доверба и пред се правдата – порача Чадиковски.