– Челникот на руската државна Дума, Вјачеслав Володин, рече дека украинскиот претседател Владимир Зеленски ќе ја сподели судбината на неговиот поранешен грузиски колега Михаил Саакашвили, кој е в затвор.
„Од самиот почеток на неговото владеење, режимот на Саакашвили беше категорично русофобичен. Тој беше поддржан од ЕУ, НАТО го финансираше и снабдуваше со оружје и ја тренираше војската“, истакна Володин преку Телеграм.
Тврдејќи дека истото може да се каже и за Украина, Володин рече дека Саакашвили се покажал како „непотребен“ за Западот и дека „историјата се повторува, но сега со Зеленски“.
„Западот е веќе уморен од него и од ненаситниот киевски режим. Неговата неблагодарност стана доминантна карактеристика на европската политика. Ова отворено е истакнато на официјално ниво во Британија, па дури и во Полска.“
„Судбината на марионетките на Вашингтон и Брисел секогаш завршува на ист начин – тие се ослободуваат од нив. Зеленски е следен“, додаде претседателот на Долниот дом на рускиот Парламент, Володин.
Саакашвили ја извршуваше функцијата претседател на Грузија од 2004 до 2013 година, а грузиското државјанство му беше одземено во 2015 година откако стана државјанин на Украина, каде што беше гувернер на југозападната Област Одеса.
Неговиот медицински тим вели дека здравјето значително му се влошило по неговото затворање во октомври 2021 година откако беше уапсен кога тајно се врати во Грузија по осум години егзил. Тој неколкупати штрајкуваше со глад во знак на протест поради затворањето.
Грузискиот суд го осуди Саакашвили на шест години затвор за два посебни случаја на злоупотреба на власта како шеф на државата.
На поранешниот грузиски претседател сè уште му се суди за три одделни случаи, а на рочиштата присуствуваше преку видеоконференциска врска поради нарушената здравствена состојба.