Четириесет деца од ромските семејства бесплатно ќе бидат згрижени во штипските детски градинки

– Четириесет деца од ромски семејства, од социјален карактер ќе бидат бесплатно згрижени во двете детски градинки „Астибо“ и „Вера Циривири-Трена“ во Штип, од кои 25 деца ќе бидат згрижени во детската градинка „Астибо“ и 15 дечиња во детската градинка „Вера Циривири Трена“, соопшти денеска Незер Хусеини програмски директор на Асоцијација за демократски развој на Ромите.

-Се работи во соработка со Министерството и општините Тетово, Дебар и Штип за реализација на проектот „Ромски образовен фонд“ и од 12 јануари официјално се работи со сите три општини. Децата од 4,7 и 5,7 години ќе се вклучат во претшколско згрижување во детските градинки, вели Хусеини.

Целта на проектот е децата Роми пред училиште да ги срушат јазични бариери, успешно да се вклучат во образовниот процес и да бидат понатаму конкурентни на пазарот на трудот. Тенденција е да се вработат и негувателки Роми во двете детски градинки во Штип.

-Фундамент на една нација е образованието, бидејќи нашите деца Роми се соочуваат со јазични бариери, оти кога почнуваат претшколско тие дома веќе зборуваат некој друг јазик, но и овозможуваме со овој процес децата да ја скршат бариерата и да се чувствуваат како сите други деца. Ова е за да може да ги подготвиме за во основно образование и да бидат понатаму поконкурентни на пазарот на трудот, рече Хусеини.

Директорите на двете детски градинки во Штип, Илија Митров и Ивана Величкова велат дека се е подготвено за почеток на реализација на овој проект, додавајќи дека и до сега има деца Роми кои се дел од предучилишниот процес во Штип. Проектот е финансиран од Ромскиот образовен фонд, а тенденција е во наредниот период проектот да се прошири и во останатите општини во државата.