Најмалку 25 лица се убиени од експлозии пред општите избори во Пакистан

 – Најмалку 25 лица се убиени, а десетици се ранети денес во два „терористички напади“ во југозападниот дел на Пакистан пред општите избори во земјата, објавија официјални лица.

Првата експлозија во низата насилства поврзани со изборите се случи денес во округот Пишин, во југозападната покраина Белуџистан, само еден ден пред изборите, им соопшти на медиумите Џума Дад, заменик-комесарот на округот.

Експлозијата, според неговите зборови, се случила во моментот кога голем број приврзаници на независен кандидат се собрале пред неговата изборна канцеларија.

Тој додаде дека бомбата била поставена во мотоцикл паркиран во близина на канцеларијата.

Ниту една група не ја презеде одговорноста за нападот.

Доктор Хабиб, администратор на локалната болница, за „Гео њуз“ изјави дека бројката на загинати е зголемена на 15, а 20 ранети се префрлени во болница, од кои голем број се во критична состојба.

Неколку часа подоцна, уште еден бомбашки напад се случи во близина на дистриктот Кила Сајфулах, во кој животот го загубиле најмалку 10 лица, а неколкумина се ранети.

Џин Ачакзаи, министерот за информации на Белуџистан, за новинарите изјави дека експлозиите се последен обид на „терористите да ги саботираат изборите“.

„Но сакам јасно да ставам до знаење дека изборите ќе течат како што е предвидено“, рече Ачакзаи.

Околу 50 луѓе, вклучувајќи и 24 осомничени милитанти и 14 припадници на безбедносните сили се убиени во низа напади во Белуџистан и во северозападната покраина Хајбер-Пахтунва за помалку од две недели.