Чеферин: Фудбалот бил и секогаш ќе биде народен спорт

Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, предупреди денеска дека на фудбалот му се заканува распродажба, поради константните закани за формирање Суперлига и поради сè поголемиот број инвеститори во овој спорт.

„Овде имаме два спротивставени погледи на светот. Имаме цинизам пред морал. Имаме себичност пред солидарност. Имаме алчност пред добронамерност. Преокупација со своето јас пред отвореност пред другите. Сопствен интерес пред алтруизам. Срамни лаги пред вистина. Наследници пред градители. Картел пред меритокрација и демократија. Цени на акции пред спортски заслуги. Потрага по профит пред трка за трофеи“, рече Чеферин во обраќањето на Извршниот комитет на УЕФА во Лисабон, на кој денеска беше резибран за претседател на Европската куќа на фудбалот.

Првиот обид за формирање Суперлига, замислена како паралелно натпреварување на Лигата на шампиони од 12 клубови од Англија, Шпанија и Италија, пропадна само неколку денови по иницирањето, но Реал Мадрид, Барселона и Јувентус не се откажаа и го изнесоа случајот пред Европскиот суд на правдата, тврдејќи дека УЕФА нема право да ги санкционира клубовите кои формираат конкурентско натпреварување, како што европските фудбалски челници се заканија дека ќе го сторат.

„Мораме да го разбиеме митот дека приватизацијата на фудбалот е незапирлив процес. Тоа денес е опасност, како што гледаме, но заедно ќе го смениме текот на историјата. Фудбалот е и секогаш ќе остане народен спорт“, порача 55-годишниот Чеферин.