Членките на ЕУ се уште не постигнаа договор за десетиот пакет санкции кон Русија

Членките на Европската унија денеска не успеаја да се договорат за новиот пакет санкции против Русија, што го планираа за првата годишнина од инвазијата на Москва врз Украина, пренесоа денеска британските медиуми. За санкциите да бидат воведени неопходно е сите 27-те земји-членки на ЕУ едногласно да се договорат за нив.

Цитирајќи неименуван извор, во Брисел беше објавено дека Полска го блокира пакетот поради предложените исклучоци од забраната за увоз на руска синтетичка гума во ЕУ, а полските дипломати, наводно, кажале дека исклучоците се толку големи што санкциите ќе ги направат неефикасни.

Претставници на земјите-членки треба утре повторно да се сретнат, на денот кога лани Русија ја нападна Украина, за да се обидат конечно да постигнат договор за десетиот пакет санкции кон оваа земја.