Палестинците мора да останат во Газа – вели Блинкен

Американскиот државен секретар Антони Блинкен вели дека не треба да се врши притисок врз Палестинците да ја напуштат Газа и треба да им се дозволи да се вратат во своите домови штом тоа го дозволат условите.

Блинкен ги осуди изјавите на некои израелски министри, кои побараа преместување на Палестинците на друго место, пишуваат странските медиуми,

Американскиот функционер беше во Катар на неговата последна турнеја на Блискиот Исток.

„Палестинските цивили треба да можат да се вратат дома штом ќе дозволат условите“, рече Блинкен во неделата. „Тие не можат и не треба да бидат принудени да ја напуштат Газа.

Неговите коментари доаѓаат по извештаите дека десетици луѓе биле убиени во бегалски камп во северниот дел на Газа.

Снимката од Џабалија покажува тела како лежат во урнатините на уништената зграда – многу од нив жени и деца.

Израелската војска се уште не одговорила на извештаите.

Повеќе од 60 Палестинци, наводно, биле убиени минатиот ден во јужниот град Кан Јунис.

Кампот Џабалија беше погоден неколку пати откако Израел ја започна својата војна против Хамас по невидениот напад на вооружени лица на Хамас во јужен Израел на 7 октомври.

Околу 1.200 луѓе беа убиени – повеќето цивили – а други 240 беа земени како заложници во рациите на Хамас.

Повеќе од 22.000 луѓе – главно жени и деца – се убиени во Газа, според Министерството за здравство на Хамас. Таа објави најмалку 113 смртни случаи во текот на 24 часа од израелските бомбардирања.