Буџетот за одбрана на Кина ќе се зголеми за 7,2 отсто во 2023 година

Кина најави дека нејзиниот одбранбен буџет, втор во светот по САД, ќе биде за 7,2 отсто поголем во 2023 година.

Распределбите за одбрана се повисоки во однос на 2022 година, кога се зголемени за 7,1 отсто, се наведува во извештајот на Министерството за финансии објавен на маргините на отворањето на годишното заседание на Секинескиот народен конгрес.

Пекинг планира да потроши 1.553,7 милијарди јуани (225 милијарди долари) за одбрана, што е сепак околу три пати помалку од буџетот на Вашингтон.

Премиерот Ли Кечијанг апелираше до парламентот да ја „интензивира армиската обука и борбената готовност“, како и да „спроведе иновации во стратешките насоки“.

Високи американски претставници неодамна ја обвинија Кина дека сака да го нападне Тајван во наредните години, како и дека управува со „флота“ од воени балони кои го шпионираат целиот свет.

Од минатата година НАТО го оценува азискиот гигант како „предизвик за интересите“ на земјите од Алијансата.

Кина истакнува дека нејзината војска е чисто „одбранбена“ и дека има само една воена база во странство, во Џибути, во споредба со неколку стотици американски воени бази.