Членови на Унијата за Медитеранот: Решението со две држави е единствениот одговор на израелско-палестинскиот конфликт
Членовите на Унијата за Медитеранот на состанокот во Барселона се согласија дека решението со две држави е единствениот одговор на израелско-палестинскиот конфликт, додека шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, рече дека Газа треба да биде управувана од влада на палестинската самоуправа во иднина.
Борел истакна дека сите членки на Европската унија кои присуствуваа на денешниот состанок се согласија за потребата од решение со две држави, пренесува Хина.
„Палестинската самоуправа мора да одржи избори и да го подобри своето функционирање, тоа е единственото остварливо решение за иднината на раководството во Газа, кое во моментов го водат исламистите од Хамас, за да се избегне вакуум на власта“, рече Борел.
Јорданскиот министер за надворешни работи Ајман Сафади рече дека Палестинците треба да одлучат кој ќе ги води и додаде дека сите разговори за постконфликтно управување со Појасот Газа мора да се фокусираат на Западниот Брег и Газа како единствен ентитет.
Членки на Унијата за Медитеранот се 43 европски, северноафрикански и блискоисточни земји.