ЧОЛА И БРЕНА ем првпат на иста сцена ем првпат во ДУЕТ!

„Мјеркам те мјеркам“ е песната со која Здравко Чолиќ синоќа го започна спектакуларниот концерт во рамките на Копаоник Music Week фестивал, со што и официјално беше затворена музичката сезона на најпопуларната планина во соседството.

Веќе со првите тонови на воведната нумера атмосферата експлодираше – беше јасно дека ова ќе биде една од најдобрите забави досега, додека Чола лесно пееше речиси три часа со енергија на која би му позавиделе дури и момчиња во раните дваесетти години.

Следуваа хитовите „Чија је оно звијезда“, „Сто дуката“, „Ничег није било измеѓу нас“, „Продужи даље“, „Чаје шукарије“, „Ти си ми у крви“ и други, а вистински делириум се случи кога на омилениот пејач на овие простори на сцената му се придружи никој друг туку Лепа Брена! Синоќа, на општо изненадување на сите присутни, двајцата заедно го испеаја големиот хит „Пусти пусти моду“ и испишаа нови страници од музичката историја.

Скајмјузик и овојпат се потруди целиот настап да биде проследен со неверојатни светлосни и аудиовизуелни ефекти, што придонесе за веќе фантастичната атмосфера – публиката пееше и играше во еден глас со Чола во текот на целата вечер, а по официјалниот крај на настапот, имаше повеќеминутни овации и скандирање на неговото име, што го поттикна популарниот пејач да се врати на бис и да отпее уште неколку од неговите најголеми хитови.